Секојдневно се сретнуваме со проблеми како главоболка, уморни стапала или ‘рчење, па еве неколку интересни трикови кои ќе ни помогнат да се ослободиме од овие проблеми:

Проблем: главоболка

Решение: дрвен молив

Голем процент од главоболките се причинети од напнатост и стрес. Кога сте вознемирени, несвесно ги стегате вилиците, а тоа ги оптоварува мускулите кои ги поврзуваат вилиците со слепоочниците. Резултатот е главоболка. Ставете дрвен молив меѓу забите, но не го гризете. Ваквата положба ќе ви помогне моментално да ги одморите мускулите на вилицата и со тоа ќе ја спречите или намалите главоболката.

Проблем: уморни стапала

Решение: тениско топче
Високите потпетици честопати предизвикуваат болки во стапалата. Ако барате начин да ја ублажите болката во вашите уморни стапала, ставете тениско топче под стапалото и движете го стапалото напред-назад. Така ќе си подарите релаксирачка масажа.

Проблем: ‘рчење

Решение: тениско топче
Овој мал трик можеби ќе ви изгледа смешен, но е еден од најефективните „третмани“ против ‘рчењето. Ставете тениско топче во отсечен џеб од стара облека и зашијте го на средината на грбот на тесна пижама. Топчето ќе ви оневозможи да лежите на грб додека спиете, а добро е познато дека луѓето најмногу ‘рчат кога спијат на грб.

Проблем: плускавици

Решение: раствор за плакнење на устата
Растворот со кој си ја освежувате устата пред спиење може да ви послужи и за лекување на болните плускавици. Натопете памучен тампон со средството и премачкувајте ги плускавиците трипати дневно додека не се исушат.

Проблем: исеченица

Решение: каранфилчиња
Имате мала исеченица и сакате да го спречите евентуалното инфицирање? Поросете малку каранфилчиња во прав врз раната. Каранфилчињата имаат антисептичко дејство, а освен тоа и ја намалуваат болката.

Проблем: мачнина при патување

Решение: маслинки
Мачнината при патување е проследена со лачење на поголемо количество плунка, која може да предизвика вртоглавица и гадење. Маслинките содржат супстанции кои ја сушат устата и го спречуваат гадењето.

 

Leave a comment